Македонскиот телекомуникациски пазар е во фаза на стагнација. Ова е оценка на првиот човек на мобилниот оператор ВИП, Никола Љушев кој деновиве изјави дека компаниите во земјава што нудат телекомуникациски услуги се соочуваат со сериозен предизвик како да ја одржат профитабилноста. Тоа намалување на приходите на операторите нема да биде незначително и маргинално, туку ќе биде значајно и ќе се рефлектира кај сите оператори, изјави Љушев. Дека е тоа така, покажа и анализата што ја направи ВЕЧЕР, разгледувајќи ги податоците за остварените приходи и добивки (ЕБИТДА) во изминативе години на четирите најголеми телекомуникациски компании во Македонија: Македонски телеком, Т-Мобиле Македонија, ОНЕ и Вип оператор.
Македонскиот телекомуникациски пазар е во фаза на стагнација. Ова е оценка на првиот човек на мобилниот оператор ВИП, Никола Љушев кој деновиве изјави дека компаниите во земјава што нудат телекомуникациски услуги се соочуваат со сериозен предизвик како да ја одржат профитабилноста.
- Тоа намалување на приходите на операторите нема да биде незначително и маргинално, туку ќе биде значајно и ќе се рефлектира кај сите оператори - изјави Љушев.
Дека е тоа така, покажа и анализата што ја направи ВЕЧЕР, разгледувајќи ги податоците за остварените приходи и добивки (ЕБИТДА) во изминативе години на четирите најголеми телекомуникациски компании во Македонија: Македонски телеком, Т-Мобиле Македонија, ОНЕ и Вип оператор.
Македонски телеком кој е најпрофитабилната компанија и Т-Мобиле ги анализиравме како една целина и овие две компании бележат континуиран пад на приходите од година в година. Пикот на најголеми остварени приходи двете компании го имаат забележано во 2008 година (338 милиони евра), тоа е година кога почна глобалната економска криза, но во Македонија се почувствува веќе од наредната, а тоа се гледа и во падот на приходите во 2009 година кога достигна 293 милиони евра. Од таа година Телеком и Т-Мобиле имаат континуиран пад на приходите (2010 година - 284 милиони евра, 2011 година - 256 милиони евра, 2012 година - 224,5 милиони евра и 2013 година - 202 милиони евра).
- Надворешните економски случувања имаа големо влијание врз нашето работење. Последните неколку години, вклучително и изминатата, ја одбележаа порастот на трошоците на живот и намалената потрошувачка. Па така, иако телекомуникациите се динамична и перспективна индустрија, ниту овој сектор не остана имун на кризата.
Ударот не е толку голем како во другите индустрии, но слабата куповна моќ на граѓаните се рефлектира со ограничена побарувачка, дури и на телекомуникациски услуги. Во вакви услови, се почесто ниската цена е одлучувачки фактор при изборот на производот за сметка на содржината на понудата и квалитетот на услугата - е коментарот од компаниите за падот на приходите.
Падот на приходите на двете компании се рефлектираше на добивката (ЕБИТДА). Најголема добивка двете компании имаат остварено во 2006 година (162 милиони евра), кога на пазарот нема други фиксни оператори и работи само ОНЕ (тогаш Космофон) и оттогаш до 2010 година се забележува благ пад на добивката (147,3 милиони евра). Веќе наредната година добивката е околу 80 милиони евра, во 2012 година е 61,8 милиони евра, а веќе во 2013 година изнесува само 32,5 милиони евра.
На падот на приходите и добивката големо влијание има конкуренцијата од ОНЕ и ВИП оператор кои со политиката на ниски цени на услугите успеаја да им одземат голем дел од колачот. Тоа се покажа и во анализата каде се гледа дека ОНЕ и Вип минатата година оствариле највисоки приходи од почетокот на нивното работење во Македонија. ОНЕ лани остварил 80 милиони евра приходи и ЕБИТДА од 14,4 милиони евра, а Вип оператор заработил 65 милиони евра и остварил добивка од 15 милиони евра. ОНЕ и Вип лани заедно оствариле околу 30 милиони евра што е приближно на ќарот на Телеком и Т-Мобиле. За споредба, во 2012 година ОНЕ и Вип имале вкупна добивка од 21,5 милиони евра, а компаниите од Т сегментот имале заработено 61,8 милиони евра.
И додека акционерите на ОНЕ и Вип тријат раце бидејќи приходите и добивките на нивните компании растат, тоа не може да се каже за акционерите на Телекомот и Т-Мобиле бидејќи според ланската ЕБИТДА не можат да очекуваат голема дивиденда.
Досега, од продажбата на Телеком во 2001 година, македонската Влада како втор малцински акционер во компанијата ги има добиено следниве дивиденди, и тоа: во првите три години по 18,5 милиони евра, а во 2004-та дури 44,8 милиони евра. Дивидендата за 2005 година од 48 милиони евра беше исплатена со едногодишно задоцнување поради истрагата за финансиски малверзации на поранешното раководство. За 2006 година немаше исплата бидејќи акционерите одлучија дивидендата да ја префрлат во акумулирана добивка, а за 2006 и 2007 година Владата доби 61 милион евра дивидендата, при што се исплати целата добивка од 159 милиони евра. Во 2008 година беа поделени 100 милиони евра, од кои за Владата 38 милиони евра. Во 2009 година беа поделени 105,2 милиони евра (за Владата 41 милион евра), во 2010 се распределија 97,7 милиони евра, а во 2011 за поделба беа ставени 100 милиони од кои на Владата и останаа 38,7 милиони. Во 2012 година од добивката од 91,8 милиони евра на Владата и припаднаа 35,5 милиони евра. Лани пак, Телеком и Т-Мобиле остварија само 32,5 милиони евра добивка, а одлука дали и колку ќе се распределува дивиденда на акционерите се уште не е донесена.